Дефиниции
Едукација
Според Законот за управување со отпад на РСМ: „Отпад е секоја материја или предмет што припаѓа во категориите на отпад што создавачот или поседувачот ја/го отфрла, има намера да ја/го отфрли или од него се бара да ја/го отфрли“.
Според Водичот за животна средина, здравје и безбедност: „Отпад е секој цврст, течен или гасовит материјал кој се отфрла со депонирање, рециклирање, горење или согорување. Отпадот може да биде нуспроизвод на производствен процес или застарен комерцијален производ кој повеќе не може да се користи за намената и бара отстранување“.
Според Директивата за отпад на ЕУ (2008/98/ЕС): „Супстанција или предмет кој имателот го фрла, сака да го фрли или има обврска да го фрли“.
„Опасен отпад“ е отпадот што согласно со своите карактеристики поседува едно или повеќе опасни својства кои можат да предизвикаат опасност по животната средина, животот и здравјето на луѓето.
„Неопасен отпад“ е отпадот што не поседува ниту едно од својствата на опасниот отпад.
„Комерцијален отпад“ е секој друг отпад кој се создава од правните и физичките лица про вршење на комерцијални, индустриски, трговски, услужни, административни и слични дејности и е сличен по природа или состав со отпадот од домаќинствата (дејноста трговија на големо и мало, угостителските услуги и барови, канцеларии и пазари, како и остатокот од услужниот сектор).
„Индустриски отпад“ е отпадот кој се создава во производствените процеси во индустријата и се разликува од комуналниот отпад според неговите карактеристики, состав и количество.
„Медицински отпад“ е отпадот што се создава во здравствените установи и ветеринарните установи и настанува како производ на употребени средства и материјали при дијагностицирањето, лекувањето, третманот и превенцијата на болестите кај луѓето и кај животните.
„Создавач на отпад“ е правно или физичко лице коешто создава отпад како резултат на дејноста или активноста што ја врши и/или секое лице кое изведува операции на пред-преработка, мешање или некои други операции поради кои се менува карактерот или составот на првично создадениот отпад.
„Поседувач на отпад“ е правно или физичко лице кое има отпад во свое владение.
„Управување со отпадот“ е дејност, односно активност што вклучува операции на собирање, транспортирање, складирање, преработка, повторна употреба, отстранување и промет на отпадот, вклучувајќи го и надзорот над овие операции, како и мерките за заштита на животната средина, животот и здравјето на луѓето.
„Собирање на отпад“ е збир на организирани активности вклучувајќи ги постапките со кои се подготвува отпадот за селектирање и првично складирање заради негово транспортирање.
„Собирач на отпад“ е правно лице кое поседува дозвола за собирање и транспортирање на отпад издадена согласно со одредбите од овој закон.
„Третман на отпадот“ се активности на преработка или отстранување на отпад, вклучувајќи ги и подготвителните активности за преработка или отстранување на отпадот.
„Преработка на отпадот“ е секоја операција на која главен резултат е отпадот да служи како замена за материјали, кои инаку би биле користени за да се исполни одредена функција или отпадот што се подготвува да ја исполни таа функција, во инсталацијата или за друга економска намена.
„Рециклирање на отпадот“ е секоја активност со која отпадот се преработува во производи, материи или супстанции за првична или друга намена. Рециклирањето на отпад вклучува и активности за преработка на органски материи, но исклучува активности на преработка на отпад заради добивање енергија или преработка во материи кои се наменети за користење како горива или како материјали за пополнување и насипување.







